Интервјуто на поранешниот македонски премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски за агенцијата Бгнес предизвика вистинска бура во Македонија и Бугарија.

Георгиевски за прв пат презентираше информации до каде е работата и што имаат договорено историчарите во заедничката македонско бугарска комисија.

Комунистичката идеологија тврдеше дека македонската нација е најмладата нација на Балканот, а кога дојде антиквизацијата од најмладата, ние станавме најстари не само на Балканот, туку и во Европа и пошироко, вели Георгиевски.

Според Георгиевски, со Договорот од Преспа овој фалсификат со антиквизацијата беше запрен и дојдовме до историјата дека сме Словени. 

Георгиевски позитивно ја оценува работата на историската комисија.

Факт е дека оваа комисија веројатно не работи со темпото како што ние сакаме да биде, но факт е дека комисијата направи многу повеќе отколку што направија сите влади за 75 години, вели тој.

Сакам да потенцирам дека од македонска страна има најави дека постои согласност, а од бугарската страна се согласуваат со изјавата на Македонците, за светите Кирил и Методиј, за Свети Наум и за цар Самоил.  Значи, има одредено доближување, објаснува Георгиевски.

Според Георгиевски: Го имаме Илинденското востание и неговиот главен организатор Борис Сарафов сè уште не е рехабилитиран.

МПЦ излезе со став БПЦ да стане нејзина мајка.  Дали знаете колку храброст им требаше на овие монаси да ја претстават оваа позиција? Таа идеја едноставно умре во Бугарија.  Овој предлог БПЦ да стане мајка на МПЦ беше голем гест, а бугарската јавност го потцени, смета тој.

Георгиевски искажа критика за бугарската позиција во врска со решението за Гоце Делчев:

Од сигурен извор знам дека има подготвеност прашањето за Гоце Делчев да се реши. Според текстот, кој е даден од бугарската страна во комисијата, Македонија мора да го признае бугарскиот карактер на Гоце Делчев 12 пати. Македонските преставници во Комисијата сметаат дека е тоа, благо речено, понижувачко однесување. Кој е проблемот да се најде една формула дека Гоце Делчев е бугарски и македонски херој или заеднички херој, дека тој е важен и за двете земји и за двата народа.  За едно такво решение има подготвеност од македонска страна.