Министерот за здравство Венко Филипче објави дека ги зголемуваат термините, но и бројот на тестовите за ковид-19, откако во јавноста сѐ погласно се зборуваше дека нема повеќе темини за тестирање од корона вирусот. Министерот најави дека двојно се зголемуваат и болничките капацитети, но дека целта не е да се исполнат болничките капацитети, туку со почитување на мерките кои стапија на сила и законските измени кои треба да поминат наредната недела со задолжително носење на маска и ограничување на собирите да се намали епидемијата во земјава.

„Ги зголемуваме термините, но и бројот на тестови за ковид-19. Дадовме насока на сите лаборатории за време на празникот и викендот да има дополнителни термини и да нема намалување на бројот на тестирања. Од денеска, за двојно ги зголемуваме и болничките капацитети. Со ова, значајно се зајакнува бројот на кревети за два до три пати. Но, целта не е да се исполнат болничките капацитети, туку со мерките кои стапија на сила и законските измени кои треба да поминат наредната недела со задолжително носење на маска и ограничување на собирите ќе ја намали епидемијата во земјава.“