Претседателот на Лекарската комора на Хрватска, Крешимир Луетиќ, изјави дека ситуацијата во Хрватска е многу сериозна и дека започна мобилизацијата на пензионираните лекари.

Во последните 24 часа во Хрватска се потврдени 2.242 нови случаи на коронавирус, а 16 лица починаа.

Ситуацијата е многу, многу сериозна. Испративме покана до нашите пензионирани колеги, доколку тие сè уште имаат валидни лиценци, да се јават и активираат во здравствените установи. Поканата е испратена до пензионирани лекари на возраст од 65 до 75 години, со важечки лиценци. Се јавија веќе 15, тие се ставија на располагање, рече Луетиќ.

Тој рече дека тие нема да одат во првата линија на борбата против короната затоа што спаѓаат во ризичната група, но дека лекарите, кои излегуваат од системот поради самоизолација, треба да бидат заменети во работата со ковид пациентите.

Тој рече дека бројот на хоспитализирани е загрижувачки и дека тоа е последица на новозаболените од пред неколку недели, кога бројот на новоинфицирани беше значително помал.

“Денес, во болниците има 731 лице, а 52 се на респиратор. Тоа е последица на нови инфекции од пред две или три недели. Тогаш имавме 200 до 400 нови инфекции. Ако ја разгледаме ситуацијата денес, бројките се пет до шест пати поголеми. За две до три недели ќе има значително повеќе луѓе во болниците и оние на кои ќе им треба интензивна нега, рече тој.

Тој додаде дека полесно е да се најде простор и да се постави кревет, но на секој пациент му е потребна 24-часовна нега.

Ако се зголеми за четири пати, тоа е веќе 2.500 луѓе во болниците, тоа е уште поголем проблем со здравствените работници кои се на располагање да се грижат за нив, вели Луетиќ.