Пандемијата со корона вирусот повторно ја рсстура Европа, многу земји ги заоструваат епидемиолошките мерки, а на унгарското дерби во фудбал, одиграно синоќа, трибините беа преполни. Дури 16 000 луѓе се собраа на „Групама арена“ во Будимпешта, од 22 000 колку што е капацитетот на стадионот на Ференцварош.

Унгарското дерби се играше пред скоро полн стадион, што е незабележана глетка во последните месеци, бидејќи поради пандемијата, повеќето натпревари во Европа се играат пред празни или речиси празни трибини.

Како што објави унгарскиот „Немзети спорт“, на натпреварот кој заврши со резултат 2-0 за Ференцварош, присуствуваа дури 16.000 луѓе од можни 22.000.

Значи, дистанца не беше можна, а снимките од натпреварот покажаа преполни трибини, навивачки групи, пиротехника, кореографија, сè што не можевме да видиме на фудбалските натпревари со месеци.

Натпреварот пред полни трибини се играше на денот кога во Унгарија беа регистрирани 1.820 нови случаи на коронавирус за 24 часа, додека починаа 38 лица. Во моментов, 2.245 пациенти се лекуваат во унгарските болници, од кои 205 се на апарати за дишење, објави РТВ Панон. Еден ден подоцна беше објавено дека Унгарија поставила нов рекорд од почетокот на пандемијата со дури 3.149 заразени за 24 часа.

Унгарските медиуми наведуваат дека навивачите имале маски, а на стадионот биле обезбедени најмалку 10.000 маски за оние кои доаѓаат без нив. Носењето маски во Унгарија е задолжително во јавниот превоз, продавници, но и на фудбалски натпревари, јавни и културни настани. Унгарија пропиша и мерки на физичко растојание и зголемена хигиена, а на странските државјани им е забранет влез, како и посета на болници и домови за стари лица.