Чешкиот здравствен систем на работ на колапс. Бројот на заразени експлодираше. Некогаш им завидуваа, сега уништија сè. Проблематично дете во Европа . Чешка е заложник во рацете на премиерот Бабиш, заради неговите скандали и политички интереси, а претседателот го изгуби моралниот авторитет.

Вака странските медиуми пишуваа последните неколку дена за земјата, која нејзиниот премиер, милијардер и популист Андреј Бабиш пролетва ја прогласи за „Најдобра во справување со Ковид“.

Сега работите се сменија. Чешка е земја која не е само во Европа, туку и во светот, има најмногу заразени на еден милион жители.

Според проценките на експертите, ако бројот на новозаболени не почне да опаѓа, за две до три недели здравствениот систем ќе пропадне, а до крајот на годината мртвите ќе бидат броени во илјадници.

Од средата, кога Чешка забележа рекордни 14.968 нови инфекции, практично е воведен карантин. Сè е затворено освен продавниците за храна, аптеките и некои услужни активности.

Воведени се и ограничувања на движењето, односно напуштање на местото на живеење, а исклучоците се одењето на работа, на лекар, помагање на роднини или одење во викенд куќите. Маските мора да се носат и надвор. Дозволено е излегување во природа и паркови, но за најмногу две лица доколку не се од исто домаќинство.

Поранешниот министер за здравство Роман Примула, епидемиолог, рече дека на системот му се заканува колапс околу 7 ноември доколку не се намали бројот на нови инфекции, бидејќи, како што рече, повеќе од 80 проценти од болничкиот капацитет веќе се пополнети Скоро 4.800 граѓани во моментов се во болница, четири пати повеќе отколку на почетокот на октомври, а од нив 657, според последните податоци, се во критична состојба. Од ковид-19 се умрени 1.845 лица, од кои само во октомври повеќе од вкупниот број од починато во периодот од март до септември.

И домашните и странските медиуми се согласуваат дека чешкиот премиер ги одложил мерките поради политичкиот интерес. Британскиот „Економист“ напиша за стравот на Бабиш од воведување мерки поради негативните реакции на гласачите пред регионалните избори.

Како што бројките почнаа да растат, половина од нацијата подлегна на страв, а половина му пркосеше на некој начин. Оставката на младиот министер за здравство, 34-годишниот Адам Војтач, не придонесе за смирување на ситуацијата.

Нов удар за чешкото општество, во време кога бројот на заразени експоненцијално растеше, беа протестите на незадоволните граѓани, што се одржаа минатиот викенд на најубавиот плоштад во Прага, против ограничувачките мерки на владата, во кои главната улога ја имаа фудбалските и хокеарските навивачи.

Фотографиите со над 2.000 луѓе збиени едни во други, главно без маски, најпрво го обиколија светот, а тоа беше проследено со видеа од вистински улични битки меѓу полицијата и навивачите кои разменуваат камења, палки, боксери, факели, петарди, солзавец и водени топови.

На периферијата на Прага се поставени 500 ковид кревети. Премиерот Бабиш побара германска помош, во тек се преговори со земјите членки на ЕУ и НАТО за пристигнување на 300 воени лекари, а Чешката лекарска комора ги повика чешките лекари и медицински сестри од странство да се вратат во земјата за помош. Вработените во некои болници остануваат без сила, повеќе од 5.000 медицински персонал се заразени.

Растот на бројот на новоинфицирани се чини незапирлив. Во вторникот, ден пред воведувањето на карантинот, беа евидентирани скоро 12 000 нови инфекции, во среда скоро 15 000 и во четврток повеќе од 14 000. Минатата недела имаше и денови кога повеќе од 100 луѓе умираа секој ден.

Рене Левински, математичар во институтот ЦЕРГЕ, изјави за „Лидове новини“ дека најмалку 5000 луѓе ќе умрат до крајот на годината и дека проценката за времетраењето на мерките од четири до шест недели е премногу оптимистичка.