Мандатарот за состав на новата црногорска влада, Здравко Кривокапиќ, им порача на лидерите на Демократскиот фронт дека не ги сака во неговата влада, поради што тие го повикаа да го врати мандатот, објавија црногорските медиуми во саботата.

Здравко Кривокапиќ беше носител на листата „За иднината на Црна Гора“ на парламентарните избори, чиј столб беше Демократскиот фронт (ДФ).

Според порталот Вијести, Кривокапиќ им оддал признание на политичарите и на партиите на Андрија Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Небојша Медојевиќ во борбата за смена на Мило Ѓукановиќ, но исто така објаснил дека тимската работа на владата што ја планира бара различен профил на личност од нивниот.

Порталот Вјести пишува дека Андрија Мандиќ побарал од Кривокапиќ да го врати мандатот доколку ДФ не биде „столбот“ на новата влада, а лидерите на тој сојуз не се во новата влада и дека ќе бараат нов премиер.

Според Вијести, Кривокапиќ го одбил барањето. Тој на својот Твитер напиша дека ниту една партија од победничката коалиција не е исклучена од процесот на формирање на владата, но дека инсистирањето на поединци од тие коалиции не е во интерес ниту на граѓаните, ниту на државата.

Најновата анкета на јавното мислење покажа дека гласачите на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, предводена од Кривокапиќ, доминантно го поддржуваат формирањето експертска влада и дека второто најдобро решение е влада составена од технократи и политичари.

Пред конститутивната седница на црногорскиот парламент кон крајот на септември, се појавија информации дека лидерите на ДФ, Мандиќ и Кнежевиќ, одбиваат да го поддржат Кривокапиќ за мандатар на новата влада. Тоа го кажале на состанокот на опозицијата организиран од митрополитот на Српската православна црква во Црна Гора, Амфилохије Радовиќ, во манастирот Острог.

Новата власт е категорична, а тоа беше барање на некои моќно амбасади во Црна Гора, дека безбедносниот сектор не може да му припадне и да биде воден од кадри на Демократскиот фронт.

Лидерите на просрпскиот Демократски Фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ беа осудени на по пет години затвор за учество во организирање обид за државен удар во Црна Гора во 2016 година, во кој просрпската опозиција со помош на Русија се обиде да го запре членството на Црна Гора во НАТО.

Просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, предводена од Кривокапиќ, и формирана со посредство на Српската православна црква во Црна Гора со две граѓански коалиции „Мирот е наша нација“ од Алекса Бечиќ и „Црно и бело“ од Дритан Абазовиќ, освои тесно мнозинство на парламентарни избори.

Во Договорот за постизборна коалиција, Кривокапиќ, Бечиќ и Абазовиќ ветија дека нема да ги менуваат црногорските државни симболи или приоритетите во надворешната политика, како што се членството во ЕУ и соработката со членките на НАТО, и дека нема да го повлечат признавањето на независноста на Косово.