Сашо Наумоски, генералниот директор на Витаминка, вели дека тој не е “тајниот инвеститор” кој ги купил акциите на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во малите хидроцентрали.

Акциите ги купи Жан Чапаркоски, вели тој. Ние со Чапаркоски сме кум и кумашин и сме пријатели од деца.

Наумоски вели дека тој поседува 24 отсто од акциите во тоа претпријатие и дека не размислувал никогаш да купува нови акции.

На прашањето дали сега со акциите кои ги купи Чапаркоски станале газди во компанијата, Наумоски вели дека дека треба да го провери.

Наумоски не сака да ги коментира шпекулациите дека е главен финансиер на ВМРО ДПМНЕ во периодот кога Христијан Мицкоски стана лидер на партијата.

Жан Чапаркоски, освен што се кумови со генералниот директор на Витаминка, е роден брат на зетот за сестра на градоначалникот на Кавадарци и поранешен Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев.

Да сопругот на мојата сестра и Жан Чапаркоски се браќа, но јас не му помогнав да ги купи акциите, изјави Јанчев во вчерашното интервју за емисијата Во Центар. Мислам дека позади купувањето на акциите стои Сашо Наумоски од Витаминка, рече Јанчев.

Инаку неделникот Фокус, објави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го продал својот удел во компанијата Енерготек, содружник во правното лице што доби концесија за три мали хидроцентрали, за сума од 700 евра.

Мицкоски на 29.07.2019 година склучил договор за продажба на својот удел на Жан Чупаркоски од Прилеп, пишува Фокус.

Според Фокус, Мицкоски поседувал удел од седум отсто во Енерготек, а тој свој удел тој му го продава на Чупаркоски за надомест од 700 евра или 43.400 денари.

Ние го прашавме Сашо Наумоски, генералниот директор на Витаминка, кој самиот потврди дека има 24 отсто акции во малите хидроцентрали, каде до пред една година акционер беше и Мицкоски, дали преговараат со израелска фирма за продажба на хидроцентралите?

Не знам ништо за тоа, вели Наумоски!

Инаку, во прилепските бизнис кругови се шпекулира дека израелска фирма, со посредство на еден скопски адвокат близок на Мицкоски, е заинтересирана да ги купи хидроцентралите. Наводно е доставена понуда од 3,5 милиони евра за купување на хидроцентралите но дека акционерите барале еден милион евеа повеќе. Но дека преговорите уште траат.