Вчера беше црна недела во Македонија. Никогаш досега, од почетокот на пандемијата, во недела немало така високи бројки. Вкупно се заразени 561 лице, а починати се 22 лица. Најмладиот од починатите има 35 години.

Тоа предизвика голема вознемиреност во македонската јавност. Како од самите бројки на заразени, така и од бројот на починатите. Фактот дека толку млади луѓе починуваат од ковид-19 е нешто треба да ги загрижи надлежните органи.

Вчера вечер министерот за здравство, Венко Филипче напиша предупредувачки статус на неговиот фејсбук профил:

Денеска за жал, имаме досега најголем број на починати, 22 пациенти ја изгубија битката со Ковид-19. Регистрираме рекордни 30 отсто позитивни од тестирани лица, а речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата. Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен, напиша Филипче.

Според Филипче: Есенскиот бран на вирусот „коси“ низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран.
Очекувам итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени. Повикувам на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита.

Најмногу заразени има во Скопје 271 лице. Во Скопје има и најмногу активни случаи.

Во Аеродром се регистрирани 699 активни случаи, во Карпош 547, во Центар 519. Потоа следуваат Гази Баба со 450 и Кисела Вода со 417 активни случаи. Во Ѓорче Петров има 286, Чаир има 166 и Бутел има 152 активни случаи.

Соодносот меѓу тестирани и заразени е 28,9 отсто што е највисоко ниво од почетокот на пандемијата.

Исто така во недела досега секогаш имало помали бројки. Сега и во недела бројот на заразени и починати е многу голем.

Дали ни следуваат најтешките неколку недели од почетокот на пандемијата!?

Сите експерти најавуваа тежок втор бран оваа есен, но вака високите бројки почнуваат по малку да ги загрижуваат и скептичните дека нема корона. А дел од граѓаните се загрижени колку државата може да се справи со целата ситуација!