Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Србија ќе добие 350.000 дози американско-германски вакцини од фармацевтските компании Фајзер и БиоНТех до март следната година и рече дека тој лично ќе ја прими првата вакцина што ќе пристигне во Србија.

Ќе ја примам првата вакцина што ќе дојде во Србија, Ана (Брнабиќ) ќе ја прими од втората, некој друг ќе ја прими од третиот (производител), изјави Вучиќ пред новинарите по денешната седница на Претседателството на Српската напредна партија (СНС).

Тој истакна дека владините претставници први ќе ја примат вакцината за да им покажат на сограѓаните дека е важно да се вакцинираат и дека вакцината е добра.

Вучиќ рече дека вакцинацијата против ковид-19 ќе биде бесплатна, но дека првите количини ќе бидат доволни за да се покријат вакцинациите во здравствениот систем и поголемиот дел од армијата и полицијата.

Претседателот на Србија рече дека државата ќе се обиде да набави вакцина за најзагрозените граѓани пред новата година.

Во неделата во Србија се регистрирани 614 нови инфекции со коронавирус, а официјално се пријавени три смртни случаи.

Од почетокот на епидемијата, тестирани се вкупно 1.283.016 примероци и потврдени се 39.486 пациенти, а 792 лица се официјално регистрирани како жртви на ковид-19.