Повеќе од 85 отсто од починатите се пациенти кои имале коморбидитети, односно тешка форма на некоја друга болест од која долго време биле лекувани, рече на вчерашната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Втората причина за големиот број починати од ковид-19 е дека болните многу доцна доаѓаат во болница и тогаш е тешко да се направи нешто, вели министерот.

Ако 85 отсто од починатите од ковид-19 биле со коморбидитети од кои долго се лекувале, како што кажува самиот Филипче, тогаш се поставува прашањето зошто пред нешто повеќе од еден месец владата донесе одлука на хронично болните да им се прекине “седењето дома” во услови на пандемија и поголем дел од нив да мора да се вратат на работа?

Можеби многу работи за вирусот не се познати, но сепак постојат три работи кои се фиксни. Прво, многу е заразен и брзо се шири. Второ, не е смртоносен какви што беа првите проценки пред седум до осум месеци. И трето, има целни групи кои се многу погодени од овој вирус-тоа се хроночно болните и возрасните.

Ако е така тогаш зачудува ставот на владата да биде толку нефликсибилна кон хронично болните кои се најмногу загрозени од ковид-19?

А состојбата не е воопшто идеална. Само на прв поглед бројките од вчерашниот ден се смирувачки. Во последните 24 часа се направени 737 тестирања, а регистрирани се 247 нови случаи на ковид-19.

Но ако се спореди бројот на направени тестови и бројот на позитивни на тие тестови тогаш излегува дека секој трет тестиран е позитивен.

Или процентот на позитивни од вкупниот број на тестирани е 33,5 отсто. Долго време тој процент се движеше од осум до 12 отсто. Сега имаме зголемување од скоро 300 отсто.

И тоа е едниот загрижувачки елемент. Вториот е бројот на починати. Тој и вчера беше голем и изнесува 15 лица, што е на рамниште на Хрватска која има два пати повеќе жители од нас!