Речиси и да нема јавен простор, како продавници, кафулиња, ресторани или здравствени и образовни институции каде што на влезот нема поставено средства за дезинфекција на рацете на граѓаните.

Повеќето од луѓето ја прскаат оваа течност на своите раце без да размислат што всушност има во шишето, мислејќи дека на овој начин направиле соодветна заштита и дезинфекција. Но мора и да се забележи дека ретко на кое средство за дезинфекција поставено на различни места има истакнато декларација.


За таа цел разговаравме и со сопственици на неколку кафулиња и продавници, кои посочуваат дека, според препораките, тие мораат на влезот во објектите, или, пак, на секоја маса во кафулињата да постават средства за дезинфекција, кои главно содржат голем процент на алкохол.


– Голем дел од гостите кога ќе седнат на маса ги дезинфицираат рацете, но има и такви што воопшто не го ни погледнуваат средството. Санитарните инспекции кога доаѓаат во контрола, единствено им е важно да видат дека на определените места има поставено вакви шишиња со дезифициенс. За тоа што содржат внатре тие, никој не побарал да се испита – посочуваат вработените во кафулињата.