Повеќе од десетина новинари, сниматели, вработени во режија и во дескот на Телевизија Сител се или заразени или се во изолација поради контакт со колеги кои се позитивни на тестирањето.

Познатиот водител на вестите на ТВ Сител, Иван Кузмановски е позитивен на ковид-19. Во неделата бил на вести и сите кои тој ден биле во близок и непосреден контакт со него се во самоизолација. Во самоизолација ги чека резултатите од тестот и одговорната уреедничка на Сител, Славица Арсова.

Извори во Телевизијата не информираа дека сите кои биле во контакт со Иван Кузмановски во петок треба да бидат тестирани а дотогаш им е речено да не доаѓаат на работа.

Освен Кузмановски, позитивни на ковид-19 има во дескот на Телевизијата, во екипата која работи на порталот на Сител, во техничкиот дел на оваа телевизиска куќа и меѓу снимателите.

Дел од тие што се позитивни имаат брачни партнери или блиски пријатели и пријателки кои работат во други медиуми во Македонија, така што ова може да се изроди и во некој медиумски кластер.

На почетокот на пандемијата позитивен на ковид-19 беше и одговорниот уредник на Канал 5, Гоце Михајлоски, но за среќа немаше други заразени во таа телевизиска куќа.

Се надеваме дека кластерот Сител ќе биде саниран без поголеми здравствени последици за колегите и вработените во најголемата македонска телевизија.