Американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет изјави дека петте земји од ЕУ кои не го признаваат Косово ќе ја сменат својата позиција, доколку дојде до промена во односите меѓу Белград и Приштина.

„Кој мислеше дека Северна Македонија и Грција ќе постигнат договор за името, но тоа се случи. „Луѓето сметаа дека е невозможно Обединетите Арапски Емирати, Бахреин или Судан да градат односи со Израел, но тоа се случи“, рече Коснет.

Тој како гостин на ТВ Дукаѓини рече дека Косово, како дел од Европа, треба да одржува добри односи со официјален Брисел, јавија агенциите.

„Кога дојдов во Косово, се сретнав со политички лидери и тие често ми зборуваа дека не им требаат Европејци, бидејќи тие имаат посебни односи со Соединетите држави. Јас реков, ‘да, имате посебна врска со Соединетите држави и би сакал демократите и републиканците во Соединетите држави да се договорат за други прашања, како што се договарање за односите со Косово, но погледнете ја картата, Косово не е во Северна Америка, туку во Европа’. Рече Коснет.
Коснет смета дека одлуката на владата во Приштина за укинување на работната група за борба против корупцијата била погрешна.

“Мислам дека тоа беше погрешна одлука, бидејќи работната група за борба против корупцијата беше многу ефикасна. Ако таа работна група беше изменета, тоа ќе беше нешто нормално”, рече Коснет, како што објави Косово онлајн.