Поранешниот Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, а сега актуелен градоначалник на Кавадарци, повика на мирен протест за оставка на Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Протестот треба да се одржи на 2 ноември ( понеделник ) пред Белата палата каде се наоѓа седиштето на ВМРО ДПМНЕ во Скопје.

Јанчев тоа го објави вечерва на својот фејсбук профил: Митко Јанчев-Градоначалник на општина Кавадарци.

Фејсбук статусот на Јанчев го објавуваме во целост:

Почитувани,

Митко Јанчев, претендент за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, повикува на мирен протест на 02.11.2020 година ( понеделник ) во 12 часот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ( Белата палата).
Протестот е со една единствена цел, повикување за оставка на Христијан Мицковски.

Инаку, во последната емисија Во Центар, Јанчев ја најави својата кандидатура за лидер на партијата:

Градоначалникот на Кавадарци и поранешен Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев изјави дека ќе се кандидира за лидер на ВМРО ДПМНЕ бидејќи партијата оди во погрешен правец и бележи само порази на политичката сцена.

Според Јанчев мора да се прекине со праксата лидерот на партијата да биде избран или поставен од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник и да работи за нивните интереси. Јанчев смета дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ треба да биде избиран со гласање на целокупното членство.

Ќе се кандидирам за лидер на ВМРО ДПМНЕ на непосредни избори кога целото членство на партијата ќе биде во состојба демократски да гласа и да го избере новиот лидер. Мене не ми се потребни конгреси во Валандово, јас сакам целото членство да може да каже дали ја заслужувам довербата да дојдам на чело на партијата.