Рускиот фонд за директни вложувања (РДИФ) ѝ поднел на Светската здравствена организација (СЗО) пријави за забрзана регистрација на вакцината против коронавирусот Спутник V, соопшти Фондот.

„Поднесовме пријава за листата за итна употреба и претквалификација на Светската здравствена организација, што ќе овозможи Спутник V да се стави на листата на медицински производи кои ги исполнуваат водечките стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност“, изјави главниот извршен директор на РДИФ Кирил Димитриев.

Тој изрази благодарност до СЗО за активната соработка и кажа дека „се радува на успешното завршување на процесот на претквалификација во сите главни фази“.

Руската Федерација стана една од првите земји кои се обратија до СЗО за претквалификација на својата вакцина против инфекцијата со новиот коронавирус.

Поради актуелната пандемија, забрзаната регистрација на вакцината според процедурата на ЕУЛ (Список за итна употреба) ќе ја направи руската вакцина достапна на глобално ниво во пократка временска рамка од вообичаените процедури и ќе ги поддржи глобалните напори во спречување на инфекцијата со коронавирусот, оцени рускиот Фонд.