Поранешниот член на најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ и министер за здравство и образование во неколку влади на Никола Груевски, Никола Тодоров, се обиде да го “разреши” или “објасни” македонско бугарскиот историски конфликт.

Во авторскиот текст за Дојче Веле на македонски јазик Тодоров пишува:

Д-р Христо Татарчев од Ресен е основачот на Македонската Револуционерна Организација. Бугарската историографија смета дека името на организацијата била Бугаро-Македоно-Одрински-револуционерни комитети. (БМОРК). И нашите историчари знаат дека името на организацијата во првите три години од нејзиното основање било тоа, БМОРК.

Исто како што и ние и Бугарите знаеме дека основачот, д-р Христо Татарчев, оставил своерачен тестамент во судот во Торино, Италија, со кој ја изразил својата последна волја, својот имот да го остави на сопругата Софија, а по нејзината смрт, се’ што ќе остане да стане сопственост на кукушката и ресенската општина, само под услов доколку се во рамки на голема Бугарија, а ако не се, тогаш на кој било друг град во Бугарија. Заклучок: Ние велиме д-р Татарчев бил Македонец, тие велат бил Бугарин. И ние и тие тврдиме дека се борел за Македонија.

Сега се поставува прашањето: Ако во првите три години години македонската револуционерна организација се нарекувала БМРОК тогаш што славиме ние на 23 октомври? Почеток на македонската револуционерна борба? Или почеток на бугаро-македонската револуционерна борба!?