Турските националисти маршираа на периферијата на Лион во Франција, по судирите со Ерменците кои го блокираа патот да изразат поддршка за Ереван во војната со Азербејџан во Нагорно Карабах.

Членовите на „Сивите волци“, турска екстремистичка група, излегоа на улиците во предградијата на Лион во средата вечерта, откако Ерменците, демонстранти, наводно раниле неколку Турци порано истиот ден.

Францускиот независен сојуз на полициски комесари на Твитер објави дека 150 лица учествувале во „казнена експедиција и потрага по Ерменци“ во населено место 35 километри оддалечено од Лион. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како група луѓе викаат и веат турски знамиња.

На една снимка, од толпата се слуша како извикува „Алаху Акбар“, и “Каде се Ерменците?, пренесоа француските медиуми.

Немирите доаѓаат неколку часа откако стотици Ерменци го блокираа автопатот А7 што ги поврзува Лион и Марсеј како дел од протестите против воената акција на Азербејџан и Турција во спорниот регион Нагорно Карабах. Расправиите избија подоцна, а турските медиуми тврдат дека на патниците, од кои некои се турски државјани, им било забрането да поминуваат.

Според извештаите во медиумите, неколку лица биле повредени за време на конфликтот.

Ерменија и Турција се жестоки ривали, не само поради горчливото наследство од геноцидот врз Ерменците од страна на Отоманската империја – во кој загинаа околу 1,5 милиони луѓе – туку и поради долгогодишната воена и политичка поддршка на Анкара за Азербејџан.