Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека нови рестрикции во движењето нема да дадат резултати и дека сега не се размислува во тој правец.

Здравствениот систем од крајот на февруари и почетокот на март е во постојана вонредна состојба. Мора да се живее со вирусот и рестрикцијата на движење нема да има ефект. Мерките се задолжително носење на маски и забрана за групирање, но да живееме нормално, изјави Филипче.

Актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19 во земјава, мерките и активностите на надлежните институции – главна тема на денешната деветта седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

Според Филипче,мерките коишто се сега на сила се мерки коишто се имплементирани во цела Европа. Апелирам на почитување на новите мерки за заштита од ковид-19. Да си помогнеме заеднички, бидејќи само така можеме да ја намалиме трансмисијата на вирусот.

Министерот за здравство соопшти дека самоизолацијата ќе биде задолжителна при тестирање за ковид-19 од закажување на тестот или самото тестирање, па се до добивање на резултатот. Доколку резултатот е позитивен самоизолацијата продолжува. Ова се предвидува со новите измени на Законот за заштита на населението од заразни болест што Собраните вчера вечер ги усвои. За прекршителите на овој член од Законот предвидена е казна од 50 евра.