Германската канцеларка, Ангела Меркел, во својот говор во Бундестагот најави тешки четири месеци: Ние сме во драматична ситуација, нè очекуваат четири долги и тешки месеци, рече таа.

Во својот говор, Меркел им се обрати на популисти кои тврдат дека коронавирусот е безопасен. Тие се опасни и неодговорни луѓе, рече Меркел.

Германската канцеларка ја опиша ситуацијата во Германија како драматична и посочи на бројот на новозаболени лица кои достигнуваат рекордни вредности секој ден.

На почетокот на студената сезона, ние сме во драматична ситуација која ги погодува сите, без исклучок. Зимата ќе биде тешка. Четири долги и тешки месеци. Но, тоа ќе заврши, заклучи Меркел оптимистички.

Таа додаде дека сегашниот тренд на зголемување на новоинфицираните наскоро може да предизвика колапс на медицински капацитети.

Во Германија се потврдени 16.774 нови случаи на инфекција со коронавирус, со што вкупниот број достигна 481.013, покажуваат податоците на институтот Роберт Кох.

Меркел објасни дека е свесна дека корона кризата е „тешко искушение“ за демократијата. Во исто време, таа ја истакна потребата за мерките јавно да се дискутира, но рече дека дискусијата треба да се одвива без дезинформации за вирусот.

Не само демократијата, туку и човечките животи зависат од односот кон фактите за вирусот, рече Меркел.

Германската канцеларка предупреди на опасноста од „лажни вести и популистичко негирање на опасноста од вирусот”. Тие кои тврдат дека коронавирусот е безопасен. се опасни и неодговорни луѓе, рече Меркел.