Утрово, во 8:20 часот, во Клиничкиот центар на Црна гора, почина црногорскиот и приморски митрополит Амфилохије, објавено е на официјалниот сајт на Митрополијата.

На Амфилохије му беше дијагностициран коронавирус на 6 октомври, кога беше примен во KЦЦГ. Неговото здравје се подобри во меѓувреме, а на 20 октомври, резултатите од извршените тестови покажаа дека тој е негативен за коронавирус.

Сепак, ситуацијата одеднаш се влоши вчера, кога му беше забележано отежнато дишење.

„Во петокот, на 30 октомври 2020 година, во 8:20 часот наутро, во Клиничкиот болнички центар на Црна Гора, по приемот на Светата Тајна Причест, почина Преосвештениот архиепископ Цетињски, митрополит Црногорски и приморски и егзарх на Светиот престол на Пеќ, г. Амфилохије. Други детали во врска со погребот на Преосвештениот Митрополит наскоро ќе бидат објавени во јавноста.Вечно сеќавање и Царството Небесно“, се вели во соопштението на Митрополијата.

Шефот на клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Црна Гора, д-р Јелена Боровиниќ Бојовиќ, доцна синоќа објасни дека наглото влошување на здравствената состојба на Амфилохије се должи на развојот на пневмомедијастинум како последица на билатералната дифузна пневмонија предизвикана од коронавирус, како и на долготрајната терапија со кислород.

Таа тогаш рече дека состојбата на Амфилохије е сериозна и дека по скенирањето на белите дробови и пулмоналните артерии и прогресијата на респираторната инсуфициенција, тој бил интубиран и ставен во режим на инвазивна вентилација.