Осомничениот за денешното убиство на три лица во црквата во Ница е Тунижанец, кој дошол во Франција со воз од Италија, носејќи документ за идентификација на италијанскиот Црвен крст, изјави главниот обвинител за борба против тероризмот, Жан-Франсоа Ричард.

На прес-конференција, Ричард рече дека осомничениот пристигнал во Италија преку островот Лампедуза на 9 септември, а потоа отпатувал за Париз на 9 октомври, пренесува АП.

Тој додаде дека, по пристигнувањето, осомничениот имал кај себе документ за идентификација на италијанскиот Црвен крст и ја сменил облеката на железничката станица пред да влезе во црквата со намера да изврши напад, додава Ројтерс.

Ричард рече дека напаѓачот е роден во 1999 година во Тунис.

Тој додаде дека осомничениот бил снимен од видео камери на железничката станица во Ница, и оттаму одел 400 метри до црквата Нотр Дам во тој град.

Француската полиција претходно објави дека осомничен е 21-годишниот Брахим Осом.

Тој потекнува од селото Сиди Омар Бухажла недалеку од Каируан, но според туниски извори тој од неодамна живее во градот Сфакс.

Француската полиција го застрела напаѓачот кој уби три лица, а во нападот тој  и ја отсече главата на една жена, а неколкумина повреди на катедралата Нотр Дам во Ница.

За време на нападот човекот извикувал „Алаху Акбар“.

Француските власти отворија истрага за случајот, третирајќи го како тероризам, пренесуваат агенциите.