Денес, во Клиничкиот болнички центар во Подгорица, почина Митрополит Црногорско и приморски и егзарх на светиот печки престол, г. Амфилохије, објавено е на веб страната на Митрополијата.

Амфилохије долги години беше митрополит црногорско-приморски, а порано и епископ банатски (1985-1990).

Роден е како Ристо Радовиќ, на Божиќ, на 7 јануари 1938 година, во Баре Радовиќ во Долна Морача. Дипломирал на Богословскиот факултет на Српската православна црква во Белград во 1962 година. Покрај теолошки науки, студирал и класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград. Постдипломските студии ги завршува во Берн и Рим. Оттаму се преселува во Атина, каде што за време на седумгодишниот престој, покрај секојдневната парохиска служба, докторирал и ја одбранил својата теза, напишана на грчки јазик, за Свети Григориј Палама.

Една година поминува на Света Гора, а потоа беше поканет да предава на Рускиот православен институт „Свети Сергије” во Париз, од 1974 до 1976 година, каде што покрај другите пет јазици што ги говореше, го научи и францускиот јазик.

Се замонашил во 1967 година во Грција, каде подоцна станал јеромонах на 21 јули 1968 година.

По враќањето во Белград, тој беше избран за декан на Богословскиот факултет и вонреден професор, а на крајот на 1985 година беше ракоположен за епископ банатски со седиште во Вршац. На Бадник 1991 година беше востоличен за Митрополит црногорско-приморски и егзарх на печкиот престол.

По хоспитализацијата на патријархот Павле, на 13 ноември 2007 година, Светиот архиерејски синод на Српската православна црква одлучи привремено да ги пренесе должностите на Српскиот патријарх на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква, на чело со Амфилохије, како заменик патријарх.

По смртта на патријархот Павле, на 15 ноември 2009 година, на вонредна седница на Светиот архиерејски синод, тој беше избран за чувар на патријаршискиот престол.

Амфилохије беше втор по ранг меѓу епископите во хиерархијата на Српската православна црква, веднаш по српскиот патријарх.

Беше главниот архитект на т.н. Нишки договор меѓу СПЦ и МПЦ. Со тој договор МПЦ ја признаваше СПЦ како црква мајка.

После расколот во МПЦ и расчинувањето нс владиката Јован Вранишковски, токму митрополитот Амфилохије станува негов голем заштитник.

Никогаш не се согласи и не ја прифаќаше автокефалноста на Македонската православна Црква.

Во интервју за емисијата Во Центар даде две шокантни изјави. Прво, дека судијата кој го осудил Јован Вранишковски подоцна починал плаќајќи ја божјата казна. И второ, дека скопскиот земјотрес се случи како казна на одвојувањето на МПЦ од СПЦ.

Последната негова активност беше рушењето на Мило Ѓукановиќ од власт во Црна Гора. Остро се спротиставуваше на црногоризацијата на Црна Гора сметајќи дека Црногорците се Срби.

Иако во јавноста важеше како руски човек вистината е многу поразлична-тој беше еден од главните британски играчи во регионот. Затоа и новата црногорска влада требаше да биде формирана по британски модел без учество на лидерите на српските партии во власта.

По неговата смрт формирањето на новата црногорска влада ќе биде многу комплицирано. Бидејќи токму Амфилохије беше лепакот на таа коалиција која победи на изборите, а сегашниот мандатар Кривокапиќ беше неговиот услов да ја поддржи опозицијата на изборите.