Во Фиренца, протестот против новите ограничувања на владата за ширење на ковид-19 прерасна во судири меѓу полицијата и демонстрантите.

Неколку стотици демонстранти ја гаѓаа полицијата со шишиња и камења, се превртуваа контејнери, фрлаа запаливи средства и на крајот полицијата употреби солзавец за да ги растера учесниците во демонстрациите кои не беа одобрени од полицијата.

Никогаш не сум го видел мојот град во ваква состојба, улиците покриени со стакло, искршени излози. Проблемот е што малите групи кои се таму за да предизвикаат конфликти и немири се вклучени меѓу мирните демонстранти, кои имаат причина да протестираат, изјави градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, кој е на таа позиција втор мандат.

И во Болоња, група од 300 до 500 граѓани демонстрираа против новите владини мерки.

На почетокот на протестот, организаторот рече дека „сакаат мирни протести“, но откако тргна колоната, тие започнаа да извикуваат пароли против владата, пренесоа странските медиуми.

Во меѓувреме, екстремно десничарските и неофашистичките групи се обидуваат да го искористат незадоволството на граѓаните за свои цели.

Бројни италијански медиуми објавија дека меѓу демонстрантите кои би сакале мирно да протестираат има членови на ксенофобични групи, разни теоретичари на заговор, мешавина од паракриминални групи и луѓе кои предизвикуваат социјален гнев.