Започна акцијата за садење на околу 450 дрвја на подрачјето на скопската општина Карпош која прославува јубилеј од 44 години од формирањето. Комуналните служби на локалната самоуправа започнаа со садење на 300 нови ореви, по дворовите на основните училишта и градинките во Карпош. Акцијата започна во дворот на ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, како и во градинката „Пролет“ во Козле. Садниците се донација од Факултетот за земјоделство и храна.

Градоначалникот Стефан Богоев денеска изјави дека во овој период започнува и со садење на 150 нови дрвја, јавори и липи, финансирани од Буџетот на Карпош.

-Акцијата за садењето на 150 дрвја ја започнавме од Карпош 4, од делот кај трговскиот „Антико“, а продолжуваме и на ул. „Васил Чакаларов“, кај Порта Козле. Заштитата на животната средина е приоритет број 1. Сведоци сме на сериозно аерозагадување, но, како локална самоуправа преземаме повеќе мерки за негово намалување, рече Богоев.