Американците купија 15,1 милиони оружја за време на пандемијата – од март до септември годинава, пишува “Њујорк тајмс“, повикувајќи се на податоците на ФБИ.

Државата се вооружува со рекордно темпо во 2020 година – наведува весникот, нагласувајќи дека обемот на продажба на оружје се зголемил за 91 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Американците од африамериканско потекло кои претходно не поседувале оружје почесто доаѓаат во продавниците за оружје. Населението во Мичиген и Њу Џерси се вооружуваат со особено брзо темпо: во тие држави продажбата на оружје се зголеми за 198, односно 180 проценти, во споредба со минатата година.

Овогодишните настани покажуваат добро зошто луѓето сакаат да купуваат оружје за самоодбрана“, рече Даглас Џеферсон, потпретседател на Националното здружение на афро-американски сопственици на огнено оружје.

Појавата на дополнително оружје во куќата е причина за загриженост, бидејќи многу луѓе го преживуваат стресот поради ситуацијата на пазарот на трудот и пандемијата, според раководителот на Центарот за спречување насилство со употреба на огнено оружје, Крис Браун. Според него, сето ова доведува до зголемување на самоубиства и случаи на семејно насилство.

Според податоците на интернет-ресурсот „Аксиос“, во САД има 120,5 парчиња оружја на 100 жители.