Православен свештеник е ранет од огнено оружје пред грчката црква во Лион. Настанот се случил денес, а напаѓачот побегнал, изјави полициски извор.

Свештеникот двапати бил погоден во стомакот со истрели од сачмарка, додека ја затворал вратата од црквата, а потоа му била укажана помош на лице место поради рани опасни по животот, пренесува Ројтерс.

Министерството за внатрешни работи на својот Твитер профил објави предупредување дека имало инцидент во Лион и дека безбедносните сили се на местото на настанот.

Инцидентот се случил два дена откако еден напаѓач во Ница извикувајќи „Алаху Акбар“ (Бог е најголемиот) обезглавил една жена и убил уште две лица во црквата, и две недели по настанот кога на еден наставник, кој ја покажал карикатури на пророкот Мухамед, пред учениците во едно предградие на Париз, му беше отсечена главата од еден 18 годишен Чеченец.

Официјални лица предупредија дека може да се случат и други напади од исламистички милитанти.

Претседателот Емануел Макрон распореди илјадници војници за заштита на места како што се црквите и училишта, пренесуваат агенциите.