Поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев смета дека несогласувањата меѓу Бугарија и Северна Македонија воопшто не се од историска природа, туку се политички и дека на Скопје треба да му се постават јасни барања по примерот како што тоа го направи Грција.

Во изјава за радио „Фокус“, тој рече дека фактот што сегашната влада е насочена кон наводни историски проблеми е причината што двете страни не можат да се договорат.

Тој вели дека премиерот Бојко Борисов се обидува да ја реши работата преку лични односи со македонска страна и додава дека тој наивно се обидува да биде херој во решавањето на прашањата што генерациите не биле во можност да ги решат.

Како последица на ваквите импровизации од Борисов, во 2017 година беше постигнат лош договор со Скопје (за соработка и пријателски односи), во кој Софија не поставува никакви јасни барања и токму затоа двете страни не можат да се договорат денес.

Нашите претставници сега велат дека Северна Македонија не го почитува Договорот. Што точно не исполнуваат? Грците рекоа: бараме од нив да го сменат името, бараме да го симнат тоа знаме, да не ја допираат антиката, а Северна Македонија се согласи со тоа. А ние не побаравме ништо конкретно. Формиравме комисија која очигледно имаше политички задачи, рече Ноев.

Според скицираниот став на бугарскиот парламент, Софија ја повикува Македонија да го отфрли јазикот на омраза кон Бугарија, да се отстранат од спомениците порака од типот – „бугарски фашистички окупатор“, да се откаже од идејата за македонското национално малцинство во Бугарија и од формулацијата „македонски јазик“.

Бугарскиот премиер и министер за надворешни работи Екатерина Захариева во повеќе наврати изразија поддршка за Македонија на нејзиниот европски пат, но министерот за одбрана Красимир Каракачанов ја предупреди нашата државс да не се надева дека некој ќе изврши притисок врз Бугарија.