Бројот на мртви во Турција расте по разорниот земјотрес. Според последните информации на министерот за животна средина и урбан развој, Мурат Курум, 20 лица го загубија животот, а над 780 беа повредени. Спасувачките екипи и локалното население трагаат по преживеани.

Градоначалникот на градот Сеферихисар во провинцијата Измир, Исмаил Јетискин, изјави дека за време на земјотресот имало рибари на море, чија судбина сега не е позната.

Градоначалникот шпекулира дека меѓу нив може да има жртви.

Директорот на опсерваторијата Кандили, Халук Озенер, вели дека земјотресот бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала и дека за време на земјотресот се формирал тектонски расед долг 30-40 километри.

Земјотресот ги погоди грчките острови и делот од Турција на Егејското Море, вчера нешто пред 14 часот.

Медиумите јавуваат дека земјотресот бил почувствуван сè до Истанбул и Атина. По силниот земјотрес, биле почувствувани и неколку послаби земјотреси.

Голема материјална штета е предизвикана на грчкиот остров Самос и во Измир во Турција, а на снимките се гледа како зградите се распаѓаат во еден момент, а морето ги поплавува улиците. Во покраината Измир, во моментов се трага по преживеани во 17 згради.

Министрите за надворешни работи на Турција и Грција, Мевлут Чавушоглу и Никос Дендиас, се согласија да обезбедат заемна помош по земјотресот, изјави извор од Министерството за надворешни работи на Турција.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, телефонски го повика турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и изрази сочувство за земјотресот што го погоди Измир. Министрите се согласија да обезбедат взаемна помош и поддршка во случај на потреба.

Според него, страните се согласиле да останат во постојан контакт.