Ерменскиот премиер Никол Пашињан изјави дека постојат „непобитни докази“ дека Турција регрутира и испраќа „илјадници сириски платеници“ во Азербејџан. Своето тврдење го поткрепи со снимка од испрашувањето на заробен Сириец.

Пашињан на својата страница на Фејсбук објави видео од испрашувањето на Сириецот Мухамед Ал Шахаир, кој според податоците на ерменските безбедносни сили, бил заробен од единиците на армијата за одбрана на Карабах.

„Сега има непобитни и сеопфатни докази за регрутирање на илјадници платеници во Сирија и нивно префрлување во Азербејџан од страна на Турција за да учествуваат во воената агресија против Карабах, напиша Пашињан на Фејсбук.

Според него, станува збор за „меѓународна криминална мрежа, чие откривање не може да остане без последици“.

Наскоро ќе има нови сведоштва, додаде Пашањан.

Претходно, сирискиот лидер Башар Асад рече дека милитантите од Сирија се префрлаат во Карабах и дека Турција користи терористи од Сирија и други земји во Нагорно Карабах, што Анкара категорично го негира.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, исто така, претходно изјави дека официјален Париз има информации дека борците од Сирија се префрлени во Карабах, со цел да учествуваат во борбите. Во таа насока, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, претходно изјави дека Баку не добил докази од Париз за трансфер на платеници во Карабах.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг избегна да одговори на прашањето дали однесувањето на Турција, кое според многу изјави ги пренесува исламистичките милитанти од Сирија во воената конфликтна зона во Нагорно Карабах, е прифатливо за земја-членка на Алијансата.

Прашањето беше поставено до Столтенберг на брифингот по видео-конференција на министрите за одбрана на НАТО. Наместо конкретен одговор на прашањето, тој го рече следново:

Ние сме длабоко загрижени за конфликтот во Карабах, особено за цивилните жртви. Испраќаме јасен сигнал до сите страни, а тоа е дека борбите мора да престанат, рече Столтенберг.