На скоро половина од вкупната популација на Словачка им е земен брис на првиот ден од масовното тестирање на ковид-19 од страна на владата, за да се забави ширењето на коронавирусот и да се избегне строга карантинска блокада.

Нивниот проект го следат други држави кои бараат начини да се забави ширењето на коронавирусот и да се избегне преоптоварување на здравствените системи.

Министерот за одбрана Јарослав Над денес рече дека во саботата биле тестирани 2,58 милиони Словаци. Точно 25.850 од нив, или еден процент, се позитивни на коронавирус и мора да бидат ставени во карантин.

Членката на Европската унија со 5,5 милиони жители планира да тестира што повеќе луѓе, освен деца под 10-годишна возраст.

Повеќе од 40.000 здравствени работници, војници, полиција, административни работници и волонтери беа мобилизирани на околу 5.000 пунктови каде се вршеше тестирање на населението.

Тие велат дека тестирањето било доброволно, но владата најави дека ќе воведен карантин за оние кои не доаѓаат да бидат тестирани, вклучително и забрана за одење на работа.

Премиерот Игор Матовиќ изјави дека се извинува што извршил притисок врз Словаците, но додаде дека барањето за тестирање е оправдано.

„Слободата мора да оди рака под рака со одговорноста кон оние кои се послаби – пациенти со рак, стари лица, лица со други болести“, рече Матовиќ на прес-конференција.