Британскиот премиер Борис Џонсон објави дека мерките за карантин ќе стапат на сила во Англија во четврток по полноќ, откако бројот на заразени со ковид-19 лица во Велика Британија ја надмина бројката од еден милион, додека вториот бран на епидемијата се заканува со колапс на здравствениот систем.

Откако локалните медиуми објавија дека се очекува воведување мерки за карантин, премиерот на Велика Британија одржа прес-конференција на која ги потврди овие тврдења.

Борис Џонсон рече: Треба да реагираме или во скоро време ќе мораме да избереме кој од заразените ќе живее и кој ќе умре.

Премиерот рече дека карантин ќе се воведе во Англија во четврток по полноќ, и тој ќе остане во сила до 2 декември, објави Ројтерс.

На граѓаните ќе им биде дозволено да ги напуштат своите домови само во случај на одење на работа и училиште, да купуваат основни прехранбени производи и лекови, да се грижат за загрозените и за рекреативни активности.

Продавниците за храна, аптеките, училиштата и универзитетите ќе останат отворени. Кафулињата и рестораните ќе бидат затворени, а ќе работат само оние објекти што испорачуваат нарачки за носење. Ќе бидат затворени и сите продавници за малопродажба кои не продаваат основни намирници.

Владата донесе одлука за повторно воведување мерки за помош на работниците, така што оние кои привремено ќе останат без работа поради карантински мерки да добијат 80 проценти од платата.

Велика Британија има најголем број на смртни случаи од ковид-19 во Европа, додека научниците предвидуваат дека земјата може да се соочи со повеќе од 80.000 смртни случаи од последиците на оваа болест, како што е предвидено со најлошото сценарио.

Денес во земјата се регистрирани над 20.000 новоинфицирани лица и над 300 смртни случаи како резултат на инфекција со вирусот корона, а досега починале 46.555 лица, пренесуваат агенциите.