Научниците од Институтот за медицина на Универзитетот во Токио денес ги објавија резултатите од важната студија за ефикасноста на маските во заштитата од вирусот корона, што ја спроведоа во соработка со експерти од универзитетот Кејо и медицинскиот центар Сендаи.

Ова е единствена студија, прва во светот во која не е само механичко следење на ширењето на капки и аеросоли ослободени за време на кашлањето, туку вирусот корона всушност беше користен во симулацијата на кашлицата, пренесуваат медиумите.

Имено, внатре во херметички затворена стаклена кутија, примероци од вирусот беа исфрлани од устата на една кукла со брзина со која се шират капките кога луѓето кашлаа кон лицето на друга кукла, во чија уста се наоѓа силиконско црево со мерен инструмент, прикачен на машината за вештачко дишење која го вовлекуваше воздухот со вирус во тоа црево.

Резултатите од студијата предводена од професорот Јошихиро Каваока покажуваат дека ако некое лице кое кашла не носи маска, тогаш обичните памучни маски на растојание од половина метар ја намалуваат количината на инхалиран вирус за само 17 проценти (кога станува збор за капки) и 37 проценти во случај на суви аеросоли).

Хирушките маски имаат подобар резултат во намалување на преносот, спречувајќи околу 47 отсто од капките или 50 отсто од аеросолите.

Најдобра се покажа маската од типот N-95, која ја намали количината на вдишени капки за 57 проценти и на аеросолите за 86 проценти, додека нејзиниот подтип, кој не остава никаков отворен простор од страните, го намали преносот за дури 79 и 90 проценти.

Меѓутоа, ако некое лице кое кашла носи маска, а примателот не, резултатите во заштитата се многу подобри – памучните маски елиминираат 76 отсто од капките и 57 отсто од аеросолите, хируршките маски спречуваат ширење на 73 отсто од капките или 58 отсто од аеросолите, додека полабав тип Н-95 намалува околу 95 проценти од едните и другите.

Кога маската Н-95 цврсто ќе се залепи за лицето, тогаш вирусот воопшто не стигнал до другата личност на растојание од половина метар.

Ова јапонско истражување исто така покажа дека маските не можат целосно да ги заштитат оние што ги носат од заразено лице кое кашла без маска, и дека, во однос на превенцијата, маските значат многу повеќе ако ги носат оние кои имаат вирус.

Треба да се има на ум дека, иако вирусот поминува низ маската и предизвикува зараза, текот на болеста може да биде многу полесен затоа што луѓето кои носат маски, внесуваат помала количина на вирус отколку оние кои не ги носат.

Јапонски научници затоа предупредуваат дека маските помагаат, но не обезбедуваат целосна безбедност од вирусот корона, кој досега официјално заразил повеќе од 40 милиони луѓе во светот, доколку ги носи само едно лице во затворено, но дека нивото на заштита драматично се зголемува кога маските ги носат сите луѓе, особено кога станува збор за хируршки маски и Н-95 маски.

Тие исто така нагласуваат дека ефективноста на маските се намалува доколку не се поставени правилно на лицето.