Поддржувачите на американскиот претседател и претседателски кандидат Доналд Трамп го опколија со џипови на автопатот автобусот од кампањата на Џо Бајден. Затоа Бајден ја прекина кампањата во Тексас, а ФБИ спроведува истрага.

Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат голем број џипови со истакнати знамиња на Трамп околу автобусот што со придружба учествува во кампањата на Бајден. Имало и помал инцидент, кога пикап турнал друг автомобил што се обидел да се приближи до автобусот, пренесува РТ.

Поради инцидентот, кандидатот за претседател на Демократската партија ја прекина кампањата во Тексас. Тимот на Бајден наведува дека приврзаниците на Трамп се обиделе да го запрат автобусот и го принудиле да успори и дека во еден момент автобусот бил опколен од околу стотина возила, пренесоа американските медиуми.

Откако ФБИ започна истрага, американскиот претседател на Твитер објави и дека „ФБИ, наместо да ги малтретира патриотите, треба да се фокусира на вистински криминалци и терористи, како што е Антифа, кои ги палат нашите градови и повредуваат луѓе“.

Трамп додаде дека „според него, овие патриоти не направија ништо лошо“.

Од канцеларијата на ФБИ во Сан Антонио соопштија дека „го испитуваат инцидентот“, не сакајќи да дадат други детали.

Трамп го спомена и овој инцидент на митингот во Мичиген, велејќи дека Тексашаните „го чуваа автобусот на Бајден, бидејќи тие се фини луѓе“.