АКО училиштата останат отворени, ќе имаме голем број новоинфицирани лица и карантинот ќе трае подолго, рече поранешниот главен научен советник Марк Волпорт.

Се сомневам дека карантинот овој пат ќе трае кратко како минатиот пат, бидејќи сега ги оставивме училиштата отворени, изјави Волпорт за Скај Њуз.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера објави дека повторно се воведува блокада во земјата, но дека училиштата и колеџите ќе останат отворени од 5 ноември до 2 декември. Но, некои вработени во образовниот систем не се согласуваат со оваа стратегија.

Националниот синдикат за образование (НЕУ), со повеќе од 70.000 наставници, учители и помошен персонал, бара да се затворат училишта. Генералниот секретар на НЕУ, Кевин Кортни рече дека „владата треба да ги вклучи сите училишта во националната блокада“.

“Податоците од Националното биро за статистика (ОНС) јасно покажуваат дека училиштата се жаришта на коронавирус. Нема смисла да се воведува национален карантин без да се затворат училиштата каде се шири коронавирусот. Ова може да доведе до уште подолги блокади”, додаде тој.

Според последните податоци на ОНС, 1 отсто од британските ученици во основните училишта и 2 отсто од средношколците се заразени со ковид-19. Синдикатот ги анализираше тековните и претходните податоци и заклучи дека стапката на инфекција во основните училишта е девет пати поголема отколку што била на почетокот на учебната година во септември, а 50 пати поголема во средните училишта.

Д-р Џереми Фарар, член на владината научна советодавна група (САГЕ), исто така рече дека пренесувањето на ковид-19 е „високо“ во средните училишта.

Министерот за образование Гевин Вилијамсон изјави дека е „многу важно“ училиштата и колеџите да останат отворени. Главниот британски лекар Крис Вити исто така се залага децата да останат во училиштата.

Сосема е јасно дека постои можност затворањето на училиштата да им наштети на децата. Мислам дека ќе биде потешко децата да останат дома отколку да одат на училиште, дури и за време на пандемијата, рече Вити.