Австриската полиција ја потврди информацијата за пукањето во центарот на Виена во близина на синагогата и објави дека има многу повредени и жртви.

Имаше пукање во центарот на градот. Ги ангажиравме сите расположиви сили. Ве молиме избегнувајте ги сите јавни места, се наведува во соопштението на полицијата на Твитер.

Во тек е обемна полициска акција.

Австриските медиуми наведуваат дека еден напаѓач активирал бомба, а други се во бегство.

Внатрешната безбедност на еврејската верска заедница во Австрија апелираше до сите еврејски граѓани да не ги напуштаат своите станови или куќи.

Во Виена, во понеделникот вечерта имаше страшно крвопролевање во синагогата во центарот на градот, во близина на Шведенплац, пренесува Кронен цајтунг. Според весникот „Куриер“, најмалку седум лица загинале, а повеќе се повредени.

Полицијата им порача на граѓаните да ја избегнуваат областа. Тие најавија дека ги испратиле сите расположиви сили на терен.

Напаѓачот, според „Кронен цајтунг“, наводно се разнел активирајќи појас со експлозив, но можно е и неколку други сторители да се во бегство. Полицијата ја блокирала целата област околу синагогата и започнала потера со сите расположиви сили.

Австриските медиуми пишуваат дека станува збор за терористички напад, иако полицијата официјално не го потврдила тоа.