Дваесетгодишниот напаѓач Кујтим Фејзулаи бил австриски државјанин, по потекло од земјава, кој на 25 април минатата година во Австрија бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава. Во меѓувреме се дозна дека и една од жртвите во синоќешните напади е по потекло од Македонија, односно, од струшкото село Велешта.

Министерството за внатрешни работи добило барање од австриската полиција за соработка поради терористичкиот напад што синоќа се случи во Виена, при што се убиени четири лица, а повредени се најмалку 17 луѓе.

„Австриската полиција преку Европол достави барање за соработка и информации околу овој случај и од страна на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се постапува“, соопштија од МВР за МИА.

Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер денеска потврди дека напаѓачот кој синоќа го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена потекнува од Република Северна Македонија, дека имал 20 години, имал македонско потекло и бил осуден за терористичко здружување.

Министерот го кажа и името на убиениот терорист – Кујтим Фејзулаи, кој на 25 април минатата година во Австрија бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава.

Во меѓувреме се појави и веста дека и меѓу загинатите од синоќешниот напад има лице со потекло од Македонија, односно дека жртва е 21-годишник по потекло од струшкото село Велешта. Тој бил застрелан од напаѓачот во моментот додека стоел пред кафуле каде што излегол со пријателите.