Австрискиот канцелар Себастијан Курц порача денес, еден ден по терористичкиот напад во Виена, дека не смее да се оствари целта на терористите, а тоа е создавање раздор во општеството.

Курц, во обраќањето до граѓаните на Австрија, пренесе дека терористот вчера четворицата цивили ги убил ладнокрвно од непосредна близина, наведувајќи дека станува збор за постар маж, постара жена, момче и една келнерка.

Исто така кажа дека терористот повредил еден полицаец кој храбро му застанал на патот, и вкупно тешко повредил уште 14 луѓе, од кои некои сѐ уште се борат за живот.

„Често мислевме дека Австрија е острово на спокојните, а насилството и тероризмот ги познававме само од вестите од странство. Тажната вистина е дека живееме во безбедна земја, но во небезбеден свет“, кажа Курц.

Тој истакна дека е потврдено дека станува збор за исламистички напад, напад од омраза кон основните вредности, моделот на живот, демократијата во која сите граѓани имаат исти права.

„Синоќешниот напад ќе влезе во историјата како трагичен ден кога се убиени наши сограѓани, но тоа беше напад врз сите нас. Јасно е дека нема да дозволиме тоа да не уплаши. Нашите основни вредности, слободата и демократијата ќе ги браниме со сета сила, а извршителите на злосторствата, луѓето кои стојат зад нив, ќе ги изнесеме пред лицето на правдата“, кажа Курц.

Тој истакна дека сите кои имаат врска со ова гнасно злосторство ќе бидат приведени.

„Но нема да влеземе во неговата замка. Мора и ќе се бориме против тероризмот, но не смееме да испуштиме од вид дека нашиот непријател е исламскиот екстремизам кој сака да создаде раздор во нашето општество. На таа омраза нема да ѝ дадеме простор. Нашите непријатели не се припадниците на една верска заедница, или луѓе кои доаѓаат од некоја одредена земја, туку екстремистите и терористите за кои нема место во нашето слободно општество. Не смее да има толеранција кон нетолеранцијата. Тоа не е судир на христијаните и муслиманите, или Австријците и емигрантите, туку борба на сите луѓе кои веруваат во мирот, тоа е војна на цивилизацијата и варварството, која решително ќе ја водиме“, истакна Курц.