Уште една жртва им подлегна на повредите по терористичкиот напад во Виена, па бројот на загинатите се искачи на четири, не сметајќи еден од напаѓачите убиени од полицијата, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер за новинската агенција АПА.

Четвртата жртва е жена на возраст од 40 до 50 години, која починала во виенска болница.

Седум лица се во животна опасност, објави АПА. Вкупно има 17 лица во повеќе болници кои претрпеле повреди од истрели или посекотини, а 10 лица се во состојба на шок.

Напаѓачот беше убиен од полицијата во понеделникот вечерта. Тој беше симпатизер на Исламската држава, рече Нехамер во вторникот. Станува збор за 20-годишно момче кое е родено и израснато во Виена и им било познато на разузнавачките служби.

Куртин С. е од „албански корени“, но неговите родители се од Северна Македонија, напиша на Твитер Флоријан Кленк, уредник на неделникот Фалтер. Младиот човек имаше и државјанство на С. Македонија.

Според извештаите на медиумите, тој бил еден од 90-те австриски исламисти кои сакале да одат и да се борат во Сирија. Тој беше фатен како се обидува да премине од Турција во Сирија. Затоа беше осуден на 22 месеци затвор во април 2019 година, бидејќи сакал да се приклучи на ИСИС во Сирија. Тој беше ослободен порано во декември минатата година затоа што станал полнолетен.

Според австрискиот министер за внатрешни работи, напаѓачот објавил фотографија на Инстаграм непосредно пред нападот. На фотографијата тој позира со оружје за кое се верува дека подоцна го користел во нападот. Исто така, 20-годишникот ја објави својата заклетва пред ИСИС и сподели снимки од нападот на Шарли Ебдо.

Австрискиот министер за внатрешни работи изјави дека напаѓачот имал лажен појас со експлозив околу половината.

„Имаше лажен експлозивен појас. Имаше автоматско оружје, пиштол и мачета“, објави австрискиот министер.

Најмалку 1.000 полицајци учествуваат во акцијата за потрага по напаѓачите и го чешлаат секој агол на австриската престолнина, потврди портпаролот на полицијата.