Шефицата на бугарската дипломатија Захариева на прес-конференција соопшти дека е постигнат извесен напредок на разговорите во Берлин со македонските колеги Османи и Димитров околу спорните прашања меѓу двете земји.

Меѓу Скопје и Софија е постигнат напредок кој може да биде основа за решение. Тоа денеска го потврди бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на прес-конференција, а слични сигнали стигнуваат и од македонската влада.
„Во Берлин беше постигнат одреден напредок, но се уште не сме во можност да ја одобриме преговарачката рамка со Северна Македонија“, порача Захариева.


Северна Македонија и Бугарија бараат решение на три спорни точки кои се услов Софија да не го блокира патот на Скопје кон ЕУ. Првата е користењето на името Република Северна Македонија во документот на ЕУ. Софија досега инсистираше да се користи само целосното име, толкувајќи дека кратката верзија „Северна Македонија“ може да упатува на територијални претензии кон бугарска територија. Македонската страна од претходно изрази подготвеност на компромис по ова прашање.

Втората и најпроблематична точка е употребата на терминот „македонски јазик“ во документите на ЕУ. Софија во тој дел инсистира да се користи исклучиво терминот „согласно Уставот на Северна Македонија“. Захариева денеска кажа дека има напредок и по ова прашање, без да елаборира. Позицијата на Софија е или да остане описниот термин на јазикот или С. Македонија да ги признае „бугарските корени“ на својот јазик, а тој понатаму да се нарекува македонски.


Третото проблематично прашање е македонското малцинство во Бугарија кое Захариева денеска го поврза и со незадоволството во Бугарија од непочитувањето на Договорот за пријателство притоа наведувајќи и нови аргументи во таа насока како: блокирањето на инфраструктурни проекти на Коридорот 8 од македонска страна и блокада на бугарски инвестиции во земјата.


„Сакам гаранции и јасен план за исполнување на договорот. Јасно декларирање во преговарачката рамка дека нема да се поддржуваат малцински претензии“, рече Захариева по враќањето од Берлин.