Женева е многу богато место. Таа е дом на огромен банкарски сектор, Обединети нации и на аукциските куќи „Сотбис“ и „Кристис“, кои редовно продаваат драгоцености по баснословни цени. Од овој месец, Женева ја воведе и највисоката минимална месечна плата на светот, што беше одобрено на референдум во септември.

Еден час работа отсега ќе се наплаќа 23 швајцарски франци, што е рамно на 22 евра, со што минималната месечна плата ќе изнесува 4.000 франци.

Овој швајцарски кантон можеби е богат, но исто така е дом на десетици илјади хотелски работници, келнери, чистачи и фризери, кои не заработуваат така многу и ситуацијата дополнително се влоши со пандемијата на коронавирусот. Откако Швајцарија прогласи карантин во март, фотографии од редици луѓе пред банките за храна го обиколија светот. Всушност, тие отсекогаш постоеле во Женева и сѐ уште работат.

4.000 франци месечно можеби звучат многу, но само ако не живеете во Женева.

„Изнајмување соба чини 1.000 франци месечно, здравственото осигурување е 500 франци за едно лице и ако ви се доволни 500 франци за храна месечно, вие сте многу добар менаџер. Ако сте семејство со две деца, тешко може да се истера месец“, вели Чарли Хернандез, чија добротворна организација дистрибуира илјадници пакети со храна неделно.

Новата минимална плата затоа ќе направи разлика за многу луѓе. Таа стана обврзувачка за сите компании и работодавци не зашто владата ја наметна, туку зашто граѓаните ја предложија како „иницијатива на народот“. Тие собраа доволно потписи за свикување референдум, на кој иницијативата доби поддршка од 58% гласачи, чиј збор е конечен во швајцарскиот систем на директна демократија.

На ниво на држава, најголема минимална плата во Европа имаат Луксембург (2.200 евра), Ирска (1.700) и Холандија (1.650).