Извршниот одбор на СДСМ го утврди Сашко Николов како кандидат за градоначалник на Штип, за предвремените локални избори, кои наскоро треба да се одржат.

Предлогот на Извршниот одбор за кандидат за градоначалник на Штип, според статутарните одредби ќе биде доставен до општинската конференција на ОО СДСМ Штип.

„Николов е актуелен пратеник од СДСМ кој продолжи да работи како кардиолог во Штипската клиничка болница. Тој во изминатите години стекна висок углед како млад и квалитетен кардиолог, основач на штипскиот Оддел за интервентна кардиологија. Целиот свој професионален и човечки ангажман Николов го има посветено на непрекината, константна и професионална работа за граѓаните и нивното здравје. СДСМ е фаворит на изборите во Штип, поради успешните политики во интерес на граѓаните, поради досегашната работата на еден од најуспешните градоначалници, Благојчо Бочварски, и секако поради кандидатот со кој ќе настапи“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Неизвесно е кој ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Штип после калкулациите на лидерот Мицкоски дали да ги бојкотира или да учествува на изборите.