Познатиот рапер Канје Вест го призна поразот на изборите во САД и најави дека повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година, пренесува Скај Њуз.

Вест ја започна својата кампања во јули, но успеа да се најде на списокот само во неколку држави, поради пречекорувањето на роковите и недоволно собраните потписи.

Според прелиминарните податоци, славниот рапер освоил околу 57.000 гласови во 12 држави во кои се кандидирал.

Инаку, претседателските избори во Соединетите држави стануваат сè понеизвесни.  Резултатите се тесни, многу држави сè уште ги бројат гласовите и рано е да се процени конечниот исход, но многумина се загрижени дека оваа проценка ќе се претвори во одлука на Врховниот суд, како што се случи пред две децении кога во трка беа републиканецот Џорџ В. Буш и демократот Ал Гор.

Одложувањата и каснењето во броењето, како и гласањето по пошта, може да бидат причина за бројни спорови и многумина стравуваат дека изборите може да завршат во Врховниот суд, како во 2000 година, кога највисоката судска инстанца во земјата донесе контроверзна пресуда за победникот на изборите.