Американските гласачи, кои очигледно излегоа на гласање во рекорден број, одлучуваат во кој правец ќе се движи нивната земја. Многумина предупредуваат дека ноќта може да биде многу напната и дека можеби нема да ги знаеме конечните резултатите уште некое време.

Новинарите на влијателниот портал Аксиос Дејвид Натер и Маргарет Талев направија кратка скица од три можни сценарија за овие избори.

Првото е брзата победа на еден од кандидатите. Тоа може да се случи ако Бајден слави убедливо на Флорида, или изненадувачки победи во инаку републиканскиот Тексас во комбинација со неколку други држави како Северна Каролина и Џорџија.

Второто сценарио подразбира таканаречена „изборна недела“: Ова би се случило во случај да не добиеме резултати вечерва во голем број држави во кои Бајден и Трамп се скоро изедначени, а резултатите ќе станат јасни или следниот ден или подоцна во текот на неделата.

Во рамките на тоа сценарио, рекордниот број гласови испратени по пошта би играле голема улога, особено во можеби најважната држава – Пенсилванија. Резултатот од таа држава во ова сценарио може да се добие дури во петок.

Третото сценарио, или “ноќен кошмар” како што го нарекуваат новинарите на „Аксиос“, е дека кандидатите во клучните држави се толку изедначени, што резултатот е нејасен. Тогаш ќе се отвори можноста за низа тужби за запирање на пребројувањето на гласовите во држави како Пенсилванија.

Конкретно, адвокатите на Трамп најверојатно ќе се обидат да ја оспорат валидноста на гласовите што пристигнале по пошта по денот на изборите (иако тие биле испратени на денот на изборите или порано), односно тие би барале тие гласови да не бидат преброени.

Тогаш целата приказна би можела да заврши во Врховниот суд, каде што по назначувањето на судијката Ејми Кони Барет, конзервативците/републиканците имаат мнозинство од шест спрема три судии.