Капацитетите во Гостивар, Велес, Прилеп и „8 Септември“ се исполнети. Во другите болници има место за по неколку пациенти. Во Скопје речиси шест илјади заболени, 20 други градови со трицифрен број на активни случаи. Претседателот Пендаровски нареди – Армијата се вклучува во справување со епидемијата

СКОПЈЕ – Единаесет слободни кревети во болницата во Кавадарци, осум слободни кревети во Клиниката во Битола, девет на Клиниката за Гинекологија, шест во Институтот за тубекулоза, по три во Куманово и во Штип, еден во Охрид. Нема кревети во Градската болница „8 септември и во болниците во Гостивар, Велес и во Прилеп. Вака утрово изгледаа капацитетите на здравствениот систем кои речиси се исполнети до последно место. Попладнево пак, нов црн рекорд 1.275 новозаболени во само едно денонноќие а бројката на заболени чија слика е тешка и ќе мора да се хоспитализираат доправ ќе се зголемува.

Гласот на Америка побара детална состојба за секој болнички капацитет во државата и бројката на хоспитализирани пациенти. Според извештајот, заклучно со утрово, во државата има помалку од педесетина слободни кревети. Од министерството за здравство појаснуваат бројката не е фиксна, ќе има исписи во текот на денот и ќе се отворат нови места.

На Инфективната клиника која заедно со модуларната болница имаат капацитет од 182 пациенти има 158 пациенти од кои 131 се на кислородна поддршка.

Во другите градови низ државата состојбата е исто толку критична. Слободни кревети или нема или се бројат на прсти.

Во болницата во Велес каде се 54 хоспитализирани позитивни пациенти, 6 сомнителни и 6 негативни пациенти нема повеќе слободни кревети за прием. Осумнаесетиман се на кислородна поддршка.Слободни кревети нема ниту во Гостивар каде има 26 пациенти. Иста е состојбата во прилепската болница каде има 58 пациенти и во моментов се работи на отварање на дополнителни одделенија.