Грција од утре оди во тринеделен карантин за да го спречи ширењето на коронавирусот, пренесува Ројтерс. Премиерот Кирјакос Мицотакис рече дека е принуден да го повлече потегот по зголемувањето на бројот на нови инфекции во последните пет дена. Тој додаде дека без карантин, здравствениот систем ќе биде преоптоварен.

Се одлучив за драстични мерки подобро порано отколку подоцна, рече Мицотакис.

Според официјалните податоци, во последната недела имало 20 отсто пораст на бројот на заразени.

Новите мерки стапуваат на сила од сабота. Од понеделник, оние што доаѓаат во Грција авионски ќе мора да покажат негативен тест не постар од 48 часа. Ќе бидат затворени сите продавници, освен супермаркетите и аптеките. И на граѓаните ќе им треба дозвола за излегување. Основните училишта ќе останат отворени, но средните училишта ќе се затворат.

Денес во Грција имало 2.917 нови инфекции, што е дневен рекорд од почетокот на епидемијата во февруари. Досега 702 лица починаа од ковид-19.

Со веста за новиот карантин, луѓето започнаа да закажуваат термини во фризерските салони и берберниците.

Денес беше целосно луд ден, не застанавме, изјави бербер од Атина за Ројтерс. Нешто подоцна, властите најавија дека ќе дозволат фризерските салони да работат до понеделник.

Опозициската партија Сириза ја критикуваше владата за неуспехот да го зајакне здравствениот систем.

Владата го занемари обемот на кризата, рече Алексис Харицис, пратеник од Сириза и поранешен министер за внатрешни работи.