Демонстрантите кои се противат на воведување на нови мерки за карантин поради пандемијата на корона вирусот се судрија со полицијата во Љубљана. Полицијата користеше водени топови, а полициски хеликоптери летаа над градот.

Демонстрантите се собраа на неколку локации во Љубљана, спротивставувајќи се на забраната за движење, што беше продолжено од Владата на Словенија, пренесуваат словенечките медиуми.

Тие фрлаа камења кон полицијата и запалија факели, а полицијата употреби водени топови.

По интервенцијата на полицијата демонстрантите си заминаа.

Словенечката влада забрани движење меѓу општините и собирање на повеќе од шест лица. Мерката ќе трае најмалку уште една недела според новата одлука.

Учениците од основните училишта нема да се враќаат во училиштата по двонеделниот одмор што требаше да заврши во понеделник, но ќе преминат на онлајн учење , додека тоа важи веќе една недела за средношколците.

Градинките ќе бидат отворени само за оние деца чии родители работат на критични работни места.

Словенечката влада донесе одлука да овозможи отворање на некои компании, како што се продавници на производи за нега на бебиња, продавници за техничка стока, мебел, накит, фотокопири, фотографирање итн.

Тие ќе мора да почитуваат дополнителни безбедносни мерки, како што е присуството на еден клиент на 30 квадратни метри.

Трговските центри ќе мора да имаат посебни влезови и излези со средства за дезинфекција